Languages

Проект: Слушнете го нашиот глас

Проект за следење на лицата со попреченост во земјата Проектот е финансиран од Европската Унија Партнери: Центар за ориентација на заедницата-ЦОД Вкупен буџет: 130.000 евра

Цели на проектот:

Проектот има цел да го зајакне капацитетот на организациите на лицата со попреченост во земјата и останатите граѓански организации за да се  креира одржлив механизам за следење на правата во полето на попреченоста.

Следејќи го меѓународниот принцип „Ништо за нас, без нас“ лицата со попреченост директно ќе учествуваат во активностите на проектот и самите ќе имаат можност да истражуваат и ќе бидат автори на три  извештаи. Ќе се истражуваат следниве клучни области: личните искуства на лицата со попреченост, политиките што ги спроведува државата и медиумската слика  во однос на попреченоста. Методологија што ќе се користи во рамките на проектот е развиена во рамки на глобалната иницијатива Промоција на правата во областа на попреченоста (Disability Rights Promotion International – DRPI), креирана од Универзитетот Јорк во Торонто, Канада.

Со потпишувањето и ратификувањето на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, нашата држава изрази целосна заложба да ги обезбеди сите права на лицата со попреченост. Земајќи ги предвид сите аспекти, односно холистичкото следење на правата ќе даде јасна слика за постигнувањата и недостатоците на општеството во однос на вклучувањето на лицата со попреченост во неговите текови.

Постигнувањето на оваа цел ќе се спроведе со финансиска подршка на Делегацијата на Европската Унија. Активностите ќе  започнат со обука на преку 30 лица со попреченост, на која ќе бидат споделени  методите за собирање информации во секоја од трите клучни области.  Со поврзувањето на активистите и експертите од различни области ќе се овозможи повеќе чинители да бидат вклучени  во процесот на следење, со што ќе се креира силна и одржлива мрежа на организации која и во иднина ќе соработува во постигнувањето позитивни промени во животот на лицата со попреченост во земјава.

Очекувани резултати:

Проектот ќе се спроведува на национално ниво, што ќе придонесе да се обезбеди поширока слика за состојбата со правата на лицата со попреченост во земјата.  Се очекува да се постигнат следните резултати:

-          Да се воспостави силна мрежа на лица со попреченост и граѓански организации со капацитет за следење на правата во полето на попреченоста.

-          Да се изгради капацитетот на граѓанските организации преку обука на најмалку 35 лица во областа на холистичко следење и известување за  човековите права на лицата со попреченост во земјата.

-          Да се поттикне учеството на граѓанското општество во заштитата на правата на лицата со попреченост.

-          Низ подготовка на холистички извештај преку следење на личните искуства на лицата со попреченост, политиките што ги спроведува државата и медиумската слика  во однос на попреченоста, да се создаде моќен инструмент за застапување и лобирање на човековите права за лицата со попреченост како на национално така и на меѓународно ниво.

-          Преку создавањето услови за подобрување на  соработката меѓу граѓанското општество и креаторите на политики одговорни за заштита на правата на лицата со попреченост да се зголеми нивното учество во креирање на политиките.

-          Извештајот од холистичкото следење на правата на лицата со попреченост видени низ призмата на сопствените искуства, законската и правната рамка, како и приказот на попреченоста во медиумите, ќе претставува двигател за мотивација.  Различните чинители во општеството  ќе имаат моќна алатка за  работа во насока на заштитата на човековите права на лицата со попреченост.